сабота, 2 април 2011 г.

Скопје 2015


Филип Петровски
Денеска ќе се возам на сплав до Камен мост за да му се восхитувам на 79. кат од новата стокатница, која никнуваше на паркингот на „Холидеј ин“
Отворив очи, беше убав пролетен ден. Сонцето светнало силно, убаво. Си реков да прошетам. А што друго да правам?! Одамна не работам. Веќе неколку години се' е затворено. Обидите на илјадниците позитивно настроени граѓани од средната класа да отворат и заживеат сопствен бизнис пропаднаа. Секоја иницијатива што ја имаа, секоја идеjа за која се залагаа, наназад две, три години нагло почна да замрува. Инспекциите ги дотепаа, секојдневно им висеа на глава за да го исцедат и последното евро од нивната сметка. Се разбира, тоа беше морално зашто мораше да се наполни буџетот, за сега веќе над 200-илјадната државна администрација. Имаше и други мерки кои не беа баш благопријатни. За да се наполни градскиот буџет, прво ја дуплираа фирмарината, па уште еднаш ја покачија. Наместо да се укине, како што предлагаа некои партии на веќе заборавените избори од 2011, таа од 8 илјади денари стана 32 илјади на годишно ниво. Извршителите беа немилосрдни. Наплаќаа се што можеше и не можеше да се наплати. Така некако почна крајот на средната класа. Беше дотепана. Без можност да заживее. Но, ни ова не беше доволно.

Потоа смислија дека за „Денот на дрвото“, што стана традиционален празник на државната администрација и се спроведуваше секој месец, да се плати данок од секоја фирма по едно евро за секоја садница. Бидејќи се садеа секоја година по 100 милиони, тоа ги дотепа. Не дека се жалеа, кој би се жалел на вложувањето во околината. Постоеја злобници, кои шушкаа дека така се перат пари, но беа спречувани од високомотивираните граѓани - административци. Оти, 12 неработни дена, на чист воздух, со сокче и сендвиче, си беа 12 неработни дена. Кој ти ги дава. А плус и да те плаќа. Така, тие злобници, веќе во 2013 година исчезнаа. Немаше веќе „мрчатори“ кои ја расипуваат забава за да бидат „фраери опозиционери“.

Додуша, имаше предлози од владејачката партија да се воведе институтот ПРОТЕРУВАЊЕ ОД ДРЖАВАТА за сите тие што не ја разбираа стратегијата за развој преку државната администрација на долгорочни патеки. Меѓутоа, по првата фаза на читање на законот во еднопартискиот парламент, се сфати дека е доволно да се притвораат таквите негативци само по 12 месеци, за да се опаметат. Оти, тие негативци сфатија што ги чека, па самите си заминуваа преку граница, односно се самопротеруваа. Замислете какви се тоа негативци, што повеќето од нив при заминување на своите пријатели, роднини или на „Фејсбук“ профили оставаа пораки дека никогаш нема да се вратат...

Така, немаше причина ова пролетно убаво, прекрасно утро да не биде такво. Нашето општество се исчисти. Немаше негативци. Немаше индустрија или стопанство. Загадениот воздух над Скопје беше минато. Бензинот беше 10 евра за литар и малкумина возеа. А и немаше потреба. Сите сфатија дека грандиозната идеја за метро, која сега веќе беше реалност, навистина била грандиозна. За само две евра се доаѓаше секаде во градот. Ако, се додадеа уште 8 евра, секој можеше да се провози до врвот на Водно со жичарницата, а таму да се наше почист воздух и да ја види целата скопска рамница, засадена со десетици милиони дрвца.

Некако непланирано, во меѓувреме, стана атракција да се оди до Милениумскиот крст за да се гледа споменикот на Александар Велики во центарот на градот. Имаше некои злобници кои велеа дека неговата големина била смислена така што тој најубаво ќе се гледал токму од Крстот и дека било подметнување на поранешната опозиција, која сега веќе не постои. Всушност, таа „лоша“ опозиција велеше дека Александар требало да се гледа од Калето. Глупости. Калето беше прениско и преблизу. Јас од денешна перспектива знаев дека тоа биле само ниски подметнувања за да се омаловажи власта. Ние преку овој споменик се прославивме насекаде во светот по 2011 година. Веќе четири години во светот се говори дека овој споменик е пример како државата треба да ги третира уметниците и да ја почитува нивната визија. По овој споменик нагло порасна цената на ниско и средно платените уметници. Секоја просечност премина во ексклузива. Нема веќе разговор со уметник, освен ако е во првите три месеци по излегување од средното уметничко, за споменик, слика, скулптура под 500 илјади евра. Така не само што го сменивме ликот на центарот на Скопје, туку и ги поставивме трендовите за модерната уметност и вредноста на авторите за целиот свет.

Скопје, поради тоа стана метропола. Некои злобници, ах тие злобници, велеа дека била НЕКРОПОЛА, но јас тоа во своите самомрморења, го отфрлав со дигнитет. Не сакав да мислат дека поради тоа што никој не се шета по центарот на Скопје, поради жиците со струја кои ги делеа црквата и џамијата, некој има право да го нарече ГЛАВНИОТ град некропола. Тоа го сфатив како глупав обид на опозицијата, која немаше идеја како да се врати од прогон во странство, да им се додвори на 200 илјади преостанати гласачи од Скопје. Веќе беше јасно дека нема што да бара опозицијата во Скопје. Тука нема потреба од опозиција. Сите знаеја дека ретроградните идеи на опозицијата до 2011, ја влечеле државата кон мизерија, пропаст и антиуметност. Ние како држава до 2015 решивме многу проблеми засекогаш. Не бевме само лидери во уметноста. Сфативме дека нема потреба од опозиција. Зошто да се организираат избори. Па, за тоа се трошат пари. Подобро е парите да се употребат за некој споменик или за неколку милиони дрвца. Со тоа ќе се постигне барем некаков ефект. А што ќе се постигне со правење на избори секои 2-3 години. Ништо!
Така некако убаво си размислував денеска, ова пролетно утро, во април 2015 година. За да си ги оттргнам мислите, да не мислам на негативности, опозиции и се' што ме нервира, решив да се прошетам по кејот на Вардар. Да ги погледам сплавовите. Ми се пиеше кафе. Брцнав во џеб. Имав само 700 денари. Мммм. Дали да ги дадам последните пари за едно обично еспресо или да си купам еден ѓеврек? Ајде утре ќе јадам. Не мора де секој ден да се јаде. Не е здраво. Денеска ќе се возам на сплав до Камениот мост, за да му се восхитувам на 79 кат од најновата 100 катница, која со неверојатна брзина никнуваше на паркингот со Холидеј ин. Уште еден маркер на наша посебност во светот. Знаев дека кога ќе се заврши оваа трета стокатница, за некој месец, нашите работници ќе бидат толку вешти во градење, што веднаш ќе можеме да ги пратиме по светот да градат, а дома да праќаат пари. Така и тие ќе бидат задоволни и ние пари, конечно, ќе имаме.

(Авторот е доктор по политички науки)
http://filippetrovski.com/

Нема коментари:

Објави коментар