недела, 27 февруари 2011

Александар Даштевски

Повторно старата, добро позната, најактуелна тема во последните години - предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија. Што друго може да биде интересно во овој период, кога економијата е на најниско ниво, кога сиромаштијата екстремно расте, невработеноста не се намалува, проектот „Скопје 2014“ и другите проекти на Владата кои ги голтаат парите на граѓаните, а демократскиот капацитет е под нивото на банана-државите во светот?
Никакви афери повеќе не можат да го свртат вниманието на граѓаните. Затоа се потребни избори, кои неколку месеци граѓаните ќе ги ослободат од перманентните проблеми, што нема да се решат во скоро време.
Најпоставуваното прашање деновиве е кој навистина сака предвремени избори, а кој блефира? Од партиските штабови доаѓаат меѓусебни обвинувања дека спротивната страна, всушност, не сака да има избори и јавноста се бомбардира со различни образложенија. Се разбира, тука победник е владејачката партија, бидејќи таа го контролира најголемиот дел од медиумите.
Ако се направи реална анализа на состојбите, без оглед на тоа што изјавуваат партиите на власт и оние во опозиција, јасно е кој блефира. Дури и од најоптимистичките анкети, нарачани од СДСМ, јасно произлегува дека тие ќе изгубат на овие избори. Сметајќи дека состојбата во земјава е исклучително лоша, тие уште есеноска одлучија да играат на картата на изборите. Нивниот план уште тогаш беше за предвремени избори, да се направи тензија во државата, која ќе придонесе за понатамошно паѓање на рејтингот на владејачката партија. А, доколку власта се одлучи за избори, без оглед на слабиот рејтинг и на евентуален пораз на изборите, да се обидат да ја преземат власта со други структури како, на пример, со помош на Љубе Бошковски, со оглед дека мнозинството повторно ќе го има Груевски.
Бранко Црвенковски, а со тоа и целата лева опозиција, треба конечно да сфати дека неговата политичка кариера завршила во моментот кога беше избран за претседател на РМ. Неколкуте шанси што ги доби од граѓаните, не ги искористи за да направи нешто за нив и за државата. Можеби победата во 2002 година го натерала повторно да се обиде, но тоа со сигурност беше неговата последна шанса. Дури ни победата на претседателските избори не ќе беше возможна без големата помош од Груевски. Да не го повикаа членството на ВМРО- ДПМНЕ во пет часот попладне на денот на претседателските избори да излезе да гласа, немаше да биде постигнат потребниот процент на излезност и Бранко немаше да биде избран.
Во овој момент најважно е самиот Црвенковски да се помири со тоа, затоа што и покрај огромните напори што ги направи до сега, за него нема друг излез. Тој треба да одлучи со што ќе се занимава, а партијата да ја препушти на млади луѓе што ќе се обидат да ја реформираат во модерна, европска левица.
Тој што вистински посакува избори во овој момент е Никола Груевски. Не само што не постигна никаков резултат до сега и државата ја доведе во катастрофална состојба, многу полоша од 2006 година, за што не треба многу да се пишува, затоа што тоа го гледа и чувствува секој граѓанин на Македонија, туку нема ништо да направи ни во иднина. Ако за пет години од неговото доаѓање до сега земјата постојано се враќа назад, тогаш во наредните четири години состојбата постојано ќе се влошува, пред се, поради тоа што нема политичка волја и капацитет кај владејачката гарнитура тоа да се смени. Проектите на Владата, кои во овој момент не се ни до половина, влечат огромни средства од буџетот, и пак не се доволни да се завршат почнатите работи. Неконтролираното трошење средства, при што одредени проекти голтаат неколку пати повисоки суми од реалните, го сопира развојот на државава, со што се уништува економијата, земјоделството и сите други гранки, бидејќи средствата што треба да се вложат во стимулирање и субвенционирање на производството одат во непотребните, скапи и предимензионирани проекти.
Поради тоа, паѓа животниот стандард и расте незадоволството кај граѓаните. Тоа незадоволство власта го регулира со закани, казни и сеење страв кај граѓаните, при што ги злоупотребува институциите на системот во политички цели, што доведува до грубо кршење на човековите права и слободи.
Оттука, јасно е зошто само на актуелниот премиер му одговараат предвремените избори. На тие избори, ако се одржат најдоцна до јуни, актуелната власт евентуално би можела да добие тесно мнозинство, што можеби ќе и овозможи повторно да формира влада. Веќе во септември таа состојба може драстично да се смени, затоа што цените на производите и на услугите постојано растат.
Не треба да се запостави фактот дека во последните неколку години перманентно се уништува идеологијата на ВМРО од страна на актуелната гарнитура на чело со Никола Груевски. Старите вмровски структури се протеруваат од партијата и се заменуваат со нови кадри од редовите на разочараните од СДСМ. Тоа ќе придонесе огромен број гласачи, кои до сега гласале за ВМРО-ДПМНЕ, да ги дадат своите гласови за другите партии со десна ориентација, кои ќе излезат на наредните избори.

Авторот е магистер по меѓународни односи и дипломатија

Линк: http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=2252&ArticleID=157032

Нема коментари:

Објави коментар