
Имавме сериозна блокада од страна на (про)владините медиуми. Најголем дел од нив не известија воопшто дека формираме партија
Оваа недела излегов(ме) со она што долго го мислевме и најавуваме, со најава за формирање на политичка партија. Сметам дека појавувањето на оваа партија е израз на потребата на нашето граѓанство за автентично и демократско претставување. Досегашните партии не успеаја да се ослободат од автократијата и промовирањето на претседателот и претседателствата во нешто што е недопирливо, на кое не можеш да му се приближиш или приговориш. Тоа понатака го дегенерираше целото општество, кое и по 20 години независност и (не)демократија тапка во место. Политичките елити, кои требаше да донесат прогрес и развој, како и да ги решаваат проблемите со стандардот, сиромаштијата, ги окупираа фотелјите и промовираа став дека само тие и никој друг може да има право на нив, колку да се заседнати во нив. Власта и владеењето ги разбраа како процес на итроштина, кој колку ќе скрие и кој колку повеќе ќе го набеди другиот. Секој секогаш велеше - ете го крадецот, држете го него! А во меѓувреме, годините минуваа. Бугарија стана член на ЕУ и НАТО, Албанија стана член на НАТО, Србија се ослободи од Милошевиќ и тргна со забрзани чекори кон Европа, Црна Гора стана држава, како и Косово. Последните 20 години комплетно се смени политичката слика на Балканот, а ние се' уште тоа не можеме да го сфатиме. Се' уште сме си свртени кон себе, со акцент на внатрешните поделби кои, убеден сум, се производ на неспособните политички елити, кои мора да си заминат. Ние ја најавивме партијата. Со цел и идеја да ги менуваме работите. Меѓутоа, и во сферата на информирањето и медиумите во државава владее хаос. Секој, зависно од тоа со која политичка групација е поврзан, си известува или не си известува. Имавме сериозна блокада од страна на (про)владините медиуми. Најголем дел од нив не известија воопшто дека формираме партија. Не ми е јасно, дали со тоа сметаат дека граѓанството нема да дознае што правиме? Срамота е до толку да се потценуваат граѓаните и секој ден да им се сервира што е по мерка на властодршците. Да им се мие упорно мозокот, за да се задржи гарнитурата на власт уште неколку дена, недели, месеци. Вака ли ја замислуваат демократијата? Медиуми во служба на власта? Тажно. Истовремено, тоа е и сликата и приликата на чмаењето на државата. Затапувањето на сите нас е нивна цел и на тоа посветено работат. На пример, Латас, кога тоа е потребно и е во корист на власта, често ги цитира моите колумни, секако, вадејќи ги деловите кои се против некои опозициски ликови. Никако не се осмелува да цитира објективно и прецизно. Со тоа го потценува граѓанинот и неговата способност да се информира и на алтернативни начини, особено преку Интернет. Најавата за партија не ја ни проследија. Истото го стори и Канал 5. А беа присутни на прес-конференцијата. Што сакаат со тоа да постигнат? Да и' се додворат на власта? Да го остават народот неинформиран? А се обврзани на објективно и навремено информирање. Ако, нека ги, нека останат соучесници. Наскоро ќе се срамат. Ние нема да застанеме. Ќе примениме герилска тактика. Кај што нема да не' очекуваат ќе се појавуваме и ќе ги информираме граѓаните. Истите тие граѓани кои насекаде ни велат - време беше да се појави нешто ново и автентично. Во продолжение пренесувам дел од обраќањето до граѓаните во средата.
„Денеска го промовираме иницијативниот одбор за формирање на партијата Демократска десница. Тој произлегува од потребата во политичкиот простор да се појави нова партија, која изворно ќе ги застапува интересите на граѓаните. Имено, веќе 20 години нашата држава е заложник на тесни политички групи на моќ, остро поларизирани, кои не мислат на животот и потребите на граѓаните, туку ги користат во своите пресметки и на нив гледаат само како на обична бројка. Ова придонесе за сериозен пад на животниот стандард и државата ја донесе пред опасност од внатрешни судири и распаѓање. Евидентно е дека сегашните и претходните структури немаат одговор за надминување на ваквите состојби. Исто така, евидентно е дека човековите права, правото на говор, мислење и политичко здружување се доведени во прашање. Ова е светски концепт, кој секоја држава членка на ООН го прифаќа, а во нашата држава се' уште нема политичка воља за негова примена.
Македонија може да тргне напред само со нов политички субјект кој ќе застане на сосема спротивни позиции. Субјект кој ќе се залага за доследна примена на корпусот на човекови права, незлоупотребување на институциите на системот, независно и ефикасно судство, што ќе доведе до функционирање правна држава и владеење на правото. Демократска десница ќе се залага за граѓански концепт според кој сите луѓе, без разлика на националност, вера, раса и пол ќе бидат еднакви. Со пронаоѓање модел за социјална инклузија, преку кој ќе се зајакне нацијата во вистинска смисла на зборот. Основната карактеристика на нашата партија ќе биде голема партиципација на граѓаните, како и интензивна партнерска соработка со невладиниот сектор, независните асоцијации, цивилниот сектор, со приватниот сектор, како носител на нови инвестиции за развој. Отворениот систем за синергија со сите прогресивни сили во граѓанското општество е наша определба. Демократска десница ќе се залага за искоренување на злоупотребата на државната администрација во приватно партиски цели. Ние сметаме дека вистинските луѓе, соодветно образовани, треба да имаат предност пред неквалитетните партиски членови.
Програмата и програмските цели на партијата за подолг период во суштина е основна водителка во стратешките проекции за самоодржлив повеќегодишен развој на нашата држава во сите сектори, економија - социјала - екологија. Притоа, ќе ги користиме сите најнови светски достигнувања во областа на дефинирањето на системите за поддршка на самоодржлив брз развој на земјите во транзиција, а тоа се принципите на Новата економија, економија базирана врз знаење, дигиталната економија или инпут - аутпут економија, како и изградба на ново таканаречено математичко општество (емпириски економетриски и математички методологии, кои овозможуваат сите процеси да се симулираат преку алгоритми во компјутерски мрежи со голема прецизност и брзина, со можност за предвидување на долг и краток период). Сето тоа ќе се примени и кај нас во практика. Треба да се нагласи дека тој систем со такви параметри и методологии веќе успешно функционира кај високо развиените држави на ЕУ и пошироко. Нашите стратешките документи содржат анализа на тековната состојба, визија, мисија, оперативни планови и акциони планови за брз развој на РМ, со специјален осврт на енергетиката и обновливите извори на енергија, поткрепено од енергетско ефикасни анализи за намалување на емисиите на co2 во атмосферата. Притоа ќе се вклопиме во светскиот тренд на зелената економија која ќе генерира илјадници нови вработувања, кои со мали фискални стимулации ќе иницираат нов развоен циклус во сите сфери“.
Почитувани, нашата иницијатива за формирање на Демократска десница е отворена. Ги повикуваме сите граѓани на Македонија да ни се приклучат за да можат активно да придонесат за промени во општеството.
(Авторот е доктор по политички науки)
Нема коментари:
Објави коментар